Раул: Навреме се разбудивме, па заслужено победивме

Раул Гонзалес може да биде задоволен од изданието на Вардар во поголемиот дел од денешниот дуел со Загреб, на кој „црвено-црните“ стигнаа до трета победа во низа во Лигата на шампионите. Откако во првите три минути му дозволија на гостинот да доминира и набрзина да поведе со 0-3, „вардарци“ во остатокот од мечот покажаа зошто се актуелни европски прваци, со рутинска игра стигнувајќи до нови бодови.

„Лошо отворивме, како да не стануваше збор за меч од Лигата на шампионите. Сепак, набрзина се разбудивме, заигравме како што треба и на крајот заслужено победивме. И кога промашувавме контранапади и зицери одбраната ни беше како што треба, па ни овозможи да имаме солидна предност и победата воопшто да не се доведе во прашање“ – истакна Гонзалес на прес-конференцијата по натпреварот.

Данил Шишкарев, кој постигна еден погодок, и тоа прекрасен (во стилот на Тимур Дибиров), изрази задоволство што „црвено-црните“ рутински ги добиваат мечевите во елитното европско натпреварување.

Влеговме тешко во мечот, но набрзина поведовме и мудро го контролиравме резултатот. Честитки за целиот тим, имаме максимални девет бода и одиме понатаму“ – порача Шишкарев.

Се вчитува...