Вардар во рамките од третото коло од Лигата на шампионите в недела повторно ќе биде домаќин, а на дуелот против Загреб јасно е дека „црвено-црните“ ќе ја имаат фаворитската улога. Хрватскиот првак за разлика од „вардарци“ слабо ја стартуваше новата сезона, Вардар според сите прогнози би требал да има лесна задача на неделната пресметка, но тренерот Раул Гонзалес ја искористи денешната прес-конференција за да ги повика фановите во што поголем број да пристигнат во СЦ „Јане Сандански“ и да им дадат поддршка на неговите избраници.
„Загреб има добри и искусни играчи како Хорват и Марковиќ, но исто така и млади ракометари. Во дефанзива играат 6-0, понекогаш и зона 5-1, така што знам дека нема да ни биде лесно. Првопласирани сме во групата и сакаме да останеме на врвот. Фаворити сме, но сакам да играме уште подобро од средбите со Нант и со Висла. Секако дека би сакал и салата да биде полна, бидејќи кога има многу навивачи Вардар игра уште подобро“ – истакна Гонзалес.
Шпанскиот стратег се соочува и со неколку проблеми со составот. Најголеми главоболки му создава голманската позиција, каде покрај Милиќ сега на повреда се жали и Арпад Штербик.
„Арпад се мачи со повреда на рамото и неизвесно е дали ќе игра. Милиќ сигурно нема да биде во комбинација, но задоволен сум како тренира Даниел Ѓорѓески и се надевам дека ќе ни биде од помош на оваа средба. Исто така, Карачиќ почна да тренира сам, до почетокот на мечот ќе увидиме дали ќе може да настапи в недела“ – открива Раул Гонзалес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА