Реакција на Шкендија по заминувањето на фоторепортерите од мечот со Валмеира: Само ги почитувавме протоколите на УЕФА

По револтираното заминување на фоторепортерите од спортските медиуми на полувремето од натпреварот меѓу Шкендија и летонска Валмеира од УЕФА Конференциската лига, поради крајно дрскиот и потценувачки однос од страна на припадници на Агенцијата за обезбедување на натпреварот кои ги спречија медиумите во извршување на професионалните обврски, со своја реакција се огласи и ФК Шкендија.

Од тетовскиот клуб во соопштението до медиумите нагласуваат дека од Агенцијата за обезбедување, со спречување на движењето на фоторепортерите на загарантираните зони за работа, само ги извршувале правилата наложени од УЕФА.

„Во врска со пишувањата во некои медиуми за реакциите на фоторепортерите од спортските медиуми, присутни на натпреварот помеѓу ФК Шкендија и ФК Валмиера од Летонија, одигран на ден 28.07.2022 (четврток), ФК Шкендија смета за должност да ја информира јавноста дека според правилата на УЕФА пропишани во протоколот за организација на футбалски натпревар, фоторепортерите во натпреварот се акредитирани за зона број 2, а според горенаведениот протокол, фоторепортерите на смеат да се движат во зона број 1. (Види слика број 1 и 2). Агенцијата за обезбедување на натпреварот е должна, од почетокот па се до крајот на натпреварот, да се грижи за доследно почитување на протоколот за организација на футбалски натпревар, на сите лица присутни во стадионот. Ова посебно имајќи го в предвид дека за секој пропуст при организацијата на натпреварот следува и казна од страна на делегатот на УЕФА, кој што беше присутен на горенаведениот натпревар. ФК Шкендија е сериозен клуб кој се грижи за доследно почитување на сите точки пропишани во протоколот за организација на натпревар, посебно имајќи го в предвид дека за непочитување на истиот следуваат казни од УЕФА“ – се вели во реакцијата на ФК Шкендија.

Интересно е што токму фоторепортерите кои беа дел од натпреварот, а на кои не им беа овозможени услови за извршување на своите професионални обврски, зад своите имиња имаат илијадници официјални европски фудбалски натпревари почнувајќи од првите години на независна Македонија па до денес. За разлика од Шкендија, и Агенцијата за обезбедување. И многу добро ги познаваат правилата на однесување кои ги наложува УЕФА, и повеќе од добро знаат дека Зона 1 не може да биде во должина од 100 метри преку целиот фудбалски терен, а притоа да биде ограничена и Зона 2.

На крајот на краиштата, во прв план секогаш се издвојува и односот од страна на припадниците на Агенцијата за обезбедување кој ниту од далеку не е цивилизациски кон фоторепортерите, како службени лица на еден натпревар, кога се работи за мечевите на ФК Шкендија. И за тоа, како што информираат фоторепортерите, ќе биде известена и УЕФА и Европската агенција на фоторепортери на која се членки, како дописници на голем број европски новински агенции.

Се вчитува...