Рекордер: Гечевски се уште е ненадминат во АБА-лигата

Минаа неколку сезони откако Тодор Гечевски и кажа збогум на кошарката, но името на долгогодишниот македонски репрезентативец гордо стои на листата на рекорди во АБА-лигата, недостижно за играчите кои се уште се борат под обрачите во елитното европско натпреварување.

Кавадарчанецот се уште е апсолутен рекордер по бројот на скокови во АБА, со 1.314 фатени топки под обрачите. Гечевски мина извонредни сезони во дресот на Задар од 2004 до 2009 година, а потоа пред крајот на кариерата се врати во МЗТ Скопје, каде беше лидер на „металците“ во АБА-лигата во периодот од 2011 до 2014 година.

Марин Розиќ од Цибона изминатиот викенд го мина Чедомир Витковац и сега се наоѓа на второто место на вечната ранг-листа, со вкупно 1.270 скокови. Со оглед на фактот дека до крајот на регуларниот дел од сезоната има само уште две средби, јасно е дека Розиќ нема шанси да го мине Гечевски оваа пролет, но доколку хрватскиот центар и догодина биде во АБА, тој сериозно ќе го нападне рекордот на Македонецот.

Интересно, на оваа Топ 10 листа се наоѓа уште еден поранешен македонски репрезентативец, Предраг Самарџиски со 906 скокови на натпреварите од АБА-лигата.

Се вчитува...