Реми со Адемар Леон за достојно простување на Металург од Лигата на Европа

Металург достојно се прости од Лигата на Европа откако ремизираше 27-27 на вечерашниот натпревар од последното коло против Адемар Леон. Македонскиот тим по подолго време беше речиси комплетен и тоа веднаш се одрази на играта, „металурзите“ делуваа полетно, 50 минути имаа водство, а во самиот финиш покажаа и карактер, враќајќи се од „минус два“ во последната минута и преку Калуѓеровиќ стигнувајќи до реми.

„Металурзите“ од самиот почеток на мечот го контролираа резултатот, поведувајќи со 3-1, а нешто подоцна и со 5-2. Гостите од Шпанија израмнија на 5-5, но Металург повторно се врати во водство и имаше предност во текот на првото полувреме. Пред крајот на полувремето блесна најновото засилување Калуѓеровиќ, кој постигна три гола за крајот време, па македонскиот претставник замина на одмор со водство од 16-13. „Металурзите“ не застанаа ниту во вториот дел, па со голот на Рниќ дојдоа и до најубедливи „плус четири“ (19-15).

Гостите не се откажуваа, успеаја да ја преполоват негативата (24-22), а потоа ја искористија малата криза во таборот на Металург и направија целосен пресврт, поведувајќи со 24-25. Димитриоски побара тајмаут, но кризата во нападот продолжи и противникот влезе во последните минути со предност од два гола (24-26). Хорват од пенал намали на 25-26, по што Металург имаше два напади за израмнување, но домашните ракометари во двете ситуации почетнички ја загубија топката, по што беа казнети со лесен гол од контранапад (25-27). Серафимов намали на 26-27, веднаш потоа следеше изнудена грешка на противникот, по што македонскиот претставник имаше 13 секунди за последен напад за израмнување. Калуѓеровиќ ја презеде одговорноста и погоди, носејќи му го на Металург второто реми во оваа европска сезона.

Мартин Серафимов беше прв стрелец на Металург со седум гола, пет постигна Калуѓеровиќ, а четири Тарабокија, во последниот меч од оваа евро-сезона за заборав, која ја одбележаа бројни проблеми со повреди и заразени ракометари од коронавирус во редовите на поранешниот македонски шампион.

Се вчитува...