Ремонт во Ливерпул: Клоп заминува, но ќе си оди и Салах

Ливерпул се подготвува за почетокот на нова ера откако Јирген Клоп најави заминување. Долго време се сонуваше за збогување со трофеј, но овие соништа се распаднаа во последните дваесетина дена, по елиминациите од ФА Купот и од Лигата на Европа, по што „црвените“ со неколкуте слаби игри ги загубија и шансите за титула во Премиер-лигата.

Дното беше допрено со последното реми против Вест Хем, не поради ремито во Лондон туку поради големиот конфликт што Клоп го имаше со најдобриот фудбалер на тимот, Мохамед Салах. Тренерот на Ливерпул му дофрли нешто на голгетерот, по што Салах збесна и мораше да биде задржан од Дарвин Нуњез за ситуацијата да не eскалира.

Сите проблеми на „црвените“ како одеднаш да излегуваат на површина, веќе е јасно дека Арне Слот ќе биде тренер од наредната сезона, но управата уште пред неговото доаѓање ќе треба да ги разреши дилемите околу иднината на Салах. А како што стојат работите, Египќанецот летово дефинитивно ќе си замине од „Енфилд“, бидејќи влегува во последната година од договорот, а директорот Едвардс јасно ставил до знаење дека нема да ја продолжи соработката.

Интересот од Саудиска Арабија лани беше одбиен, но сега ситуацијата е сосема поинаква, Едвардс е човекот задолжен за трансфери наместо Клоп, а ако тој ја гледа иднината на тимот без Салах, дефинитивно ќе биде најдена најдобрата опција за заминување. Во овој случај, тоа речиси сигурно ќе биде Саудиска Арабија, од каде во случај на ланската понуда во висина од околу 100 милиони евра Салах ќе може веднаш да почне да се пакува.

Се вчитува...