Реномираниот снукер играч Најџел Бонд во Скопје (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Евидентен е напредокот на снукерот во Македонија во последните години. Ова е главниот заклучок од тридневната снукер-работилница, која се одржа во Гран билијард и снукер клубот во Скопје, при посетата на реномираниот снукер професионалец и тренер Најџел Бонд.

Снукер заедницата е во пораст, квалитетот на играчите е се подобар, сериозно е зголемена професионалноста во организацијата на домашните снукер турнири и школи, а запознаеноста на публиката за овој спорт во Македонија, стимулирана од големите светски снукер турнири, но и од вакви настани, е сé помасовна.

Nigel Bond 04

Бонд одржа едукативни тренинзи со најдобрите македонски снукер јуниори и вљубеници во овој спорт и неколку егзибициони натпревари со веќе афирмирани снукер играчи од Македонија, но и од регионот.

За мене е лесно воочлив големиот напредок на снукерот во Македонија, имајќи предвид дека ова е моја четврта посета на вашата земја во која имам шанса да работам со играчи кои веќе имаат сериозен потенцијал. Посебно задоволство ми е што учествувам во инспирирањето на младите талентирани играчи и со нетрпение ги очекувам нивните учества и успеси на поголемите регионални и европски турнири, изјави Најџел Бонд по одржаните индивидуални тренинзи во Скопје.

Nigel Bond 08

Бонд одржа тренинг сесии и со млади перспективни играчи од македонските јуниорски школи. Меѓу нив, во моментов, со најголем потенцијал се Берат Јашари (18 години) и Стефан Кнежевиќ (14 години) кои работејќи со Бонд стекнуваат значајно искуство и вештини. Инаку, прв опонент на Бонд во егзибиционите натпревари му беше Павле Данилов, најдобриот македонски  снукер играч, а воедно и најангажираниот промотор на снукерот како спорт  во Македонија.

„Голема чест е да се игра со снукер играч од ваков калибар. Покрај тоа што е извонреден во она што го прави, Најџел е и докажан пријател на македонската снукер заедница. Целта на ваквите настани е снукерот да го издигнеме на ниво на спорт во Македонија, докажувајќи ја организираноста, квалитетот на играчите и афирмацијата што тие и ја обезбедуваат на нашата земја на домашните и на турнирите во странство“, изјави Данилов.

Во насока на подобрување на квалитетот на снукерот во Македонија и негово етаблирање, во фаза на обука се домашни тренери кои до крајот на годината треба да бидат сертифицирани од EBSA (European Billiards and Snooker Association). Крајна цел е постигнување на уште поорганизирана форма на снукерот и негова афирмација како спорт во нашата земја.

[new_royalslider id=”655″]

Се вчитува...