Ристовски со емотивна порака до Адеми: На теренот беше пример, надвор од него – брат

Аријан Адеми го комплетираше трансферот во унгарски Ујпешт, со што и дефинитивно беше ставен крај на престојот на поранешниот македонски репрезентативец во тимот на Динамо Загреб.

Адеми си замина од „Максимир“ како најтрофеен фудбалер во историјата на Динамо со 24 освоени пехари од кои 13 шампионски титули, а на негова адреса по трансферот во Ујпешт стигнуваат бројни пораки со пофалби за се она што тој го направи за хрватскиот фудбалски гигант.

Една од најемотивните сигурно е онаа на Стефан Ристовски, кој му се заблагодари за се она што Адеми направи за него и за Динамо во сезоните минати заедно на „Максимир“.

„Во секој тим постои срце, не мора секогаш најмногу да зборува или најмногу да трча, но кога е најпотребно – тоа работи најсилно. За нас, тоа си ти. Како капитен, не ја носеше само лентата. Ја носеше одговорноста, гордоста и силата, и тоа секогаш со насмевка и со храброст. Беше лидер кога се победуваше, но уште повеќе, кога се губеше. Твојот збор мотивираше, твојата борба инспирираше, а твојат априсутност ни даваше сигурност на сите нас. На теренот секогаш беше пример – борбен, чесен, неуморен. Надвор од него – брат, пријател и поддршка. Во секој погледн, капитен каков што секој тим може да посака, а ние имавме среќа ти да бидеш нашиот. Ти благодарам за секој дуел, за секоја крената глава. Ти благодарам што не водеше сите нас, не само како фудбалер, туку и како човек“, напиша Ристовски во пораката за Адеми.

Се вчитува...