Роберто Карлос открива: Семејството и менаџерот ми зедоа 99% од тоа што го заработив како фудбалер

Еден од најдобрите леви бекови на сите времиња, Бразилецот Роберто Карлос, откри дека останал без 99 отсто од заработеното од фудбалот.

Бразилецот најдобрите моменти од кариерата ги помина во Реал Мадрид, дури 11 години го носеше „кралскиот дрес“, играше уште и за Палмеирас, Интер, Фенербахче, Коринтијанс, како и во Анжи Махачкала каде имаше „фараонска“ плата.

Сепак, не му останаа многу пораз бидејќи огромен дел од заработеното му го земаа членовите на семејството, поранешната сопруга за време на бракоразводната парница како и поранешниот менаџер.

„Имав проблеми со луѓето кои ме оставија на „нула“ кога станува збор за парите. Поради менаџерот и семејството загубив 99 отсто од тоа што го заработив од фудбалот. Грешев и затоа сега ги молам младите да не ги повторуваат моите грешки“, откри Карлос на предавањето на фудбалски самит во Португалија.

Тој откри како експресно брзо се случувале работите кога останал без заработените пари.

„Во четвртокот си легнав да спијам на полноќ а во петокот добив куп документи за кои не ни знаев дека постојат. Ја загубив целата историја“, додава Бразилецот.

Сепак, со помош на пријателите, тој успеал финансиски да застане на нозе, а удел во тоа имало и што пред крајот на кариерата веќе почнал да се подготвува за животот по неа.

„Постојано размислував за тоа, знаев дека морам да имам некакво наследство како играч и потоа да го користам моето име. Кога ја завршив кариерата, веќе имав лиценца за спортски директор и работев со многу брендови“.

Се вчитува...