Рогашка падна без мака, МЗТ стави печат на плејофот во АБА2

МЗТ Скопје рутински славеше на домашен терен против Рогашка со резултат 84-70, триумф со кој „металците“ ставија печат и на пласманот во плејофот од АБА2 лигата. Македонскиот претставник ја оправда фаворитската улога, уште еднаш покажувајќи дека делува многу помоќно на домашен терен отколку на гостувањата ширум поранешна Југославија.

Гостите само во првата четвртина беа достоен ривал, изненадувајќи ги аеродромци со 16-19. Сепак, веќе во вториот период Иве Иванов доби помош од соиграчите, набрзина беше направен пресврт, потоа и двоцифрена предност што рутински беше одржувана. На одмор се замина со 44-35, за потоа во третата четвртина аеродромци целосно да доминираат, добивајќи го овој дел од мечот со 26-9. Прашањето на победникот беше решено, дојде до мало опуштање, но тоа не се одрази врз конечниот исход откако овој натпревар заврши со конечни 14 поени разлика.

Бојиќ со 17 поени беше прв стрелец на МЗТ Скопје, по 14 поени постигнаа Медфорд и Иванов, за скор од 14 победи и 6 порази по 20 комплетирани рунди од АБА2 лигата. Во следното коло „металците“ гостуваат на Сутјеска, меч на кој мора да слават за да си ги задржат шансите за второто место, во директна пресметка што би се решавала во последното коло со босанскиот претставник Спарс.

Се вчитува...