Роналдо имал за што да слави – еден милион евра како „премија“ за хет-трикот против Норвич

Кристијано Роналдо беше човек на одлука на Манчестер Јунајтед на дуелот со Норвич, со хет-трик носејќи ја победата на „црвените ѓаволи“ со која беше прекината серијата слаби резултати на овој тим во Премиер-лигата.

Третиот гол беше вистинско ремек-дело од слободен удар што Роналдо еуфорично го прослави со соиграчите, а медиумите откриваат дека овој погодок му донел и значителна финансиска добивка на Португалецот.

Имено, Роналдо со овој хет-трик има загарантирани еден милион евра како премија, од нив 870.000 евра поради фактот дека стигнал до 21 гол сезонава (севкупно во сите натпреварувања) и уште 130.000 евра како награда за реализираниот хет-трик. Воедно, секој нареден гол по овие 21 и активираната клаузула, ќе значи и дополнителна премија од 130.000 евра по погодок на банкарската сметка на португалската суперѕвезда.

Покрај овие пари, Кристијано речиси сигурно ќе добие и дополнителен бонус од еден милион фунти, што му е загарантиран доколку ја заврши сезонава како прв стрелец на тимот (моментно има 12 гола повеќе од Бруно Фернандеш).

Се вчитува...