Роналдо со нов неверојатен рекорд, Форстер го излуде Арсенал

Кристијано Роналдо со ново извонредно издание го врати Манчестер Јунајтед во игра во трката за четвртото место на табелата, во ситуација кога Тотенхем и Арсенал денеска имаа разочарувачки резултати. „Црвените ѓаволи“ по голема борба го совладаа Норвич со 3-2, меч на кој брилијантен со хет-трик беше Роналдо.

Тој го постигна првиот гол по несебичната асистенција и украдената топка на Еланга, нешто подоцна зголеми и на 2-0, но „канаринците“ успеаја да се вратат и да израмнат на 2-2. Сепак, да не дојде до ново разочарување на „Олд Трафорд“ се погрижи Роналдо, кој од слободен удар донесе радост со третиот гол постигнат во 76. минута. Португалецот оствари уште едно неверојатно достигнување, станувајќи прв играч што 16 години во низа постигнува по минимум 20 гола на клупско ниво.

Арсенал не успеа да го искористи „киксот“ на Тотенхем, губејќи на гостувањето против Саутемптон со 1-0. Беднарек беше стрелец на единствениот гол пред крајот на првото полувреме, но најдобар поединец на мечот беше голманот на „светците“, Форстер, кој со четири-пет извонредни интервенции не им дозволи на „топчиите“ да ја затресат неговата мрежа.

Се вчитува...