Дефанзивецот Рубен Дијаз е добитник на наградата за најдобар фудбалер во Премиер-лигата, во изборот на фудбалските новинари во Англија. Овој 24-годишен фудбалер пристигна минатото лето од Бенфика, а Манчестер Сити плати вкупно 64 милиони фунти за да го доведе на „Етихад“. Со оваа награда, Дијаз стана првиот одбранбен фудбалер што го добил големото признание по пауза од цели 32 години, откако тоа заврши во рацете на Стив Никол.
За разлика од претходните дефанзивци што ги носеше Пеп Гвардиола, Португалецот се покажа како полн погодок, наметнувајќи се како командант на одбранбената линија и водејќи го Сити кон трофеите во Премиер-лигата и во лига-купот на Англија. Дијаз освои повеќе гласови од второпласираниот Хари Кејн, додека третото место според новинарите му припадна на неговиот соиграч од Манчестер Сити, Кевин де Бруине.
„Огромна чест е да се добие една ваква награда, но никогаш немаше да стигнам до неа да не играв во еден толку силен тим како Манчестер Сити. Фактот дека јас ја добивам наградата е најдобар доказ за начинот на кој функционира тимот, ја отсликува нашата колективност на секој дел од теренот“, изјави Дијаз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА