Руд ќе го предизвика Надал во финалето на Ролан Гарос

Каспер Руд е тенисерот што ќе го предизвика Рафаел Надал во големото финале на Ролан Гарос откако норвешкиот тенисер вечерва славеше над Марин Чилиќ со 3-1 во сетови. Хрватот не успеа да ја повтори играта од последните два меча со Медведев и со Рубљов, а Руд знаеше како да го искористи тоа, Норвежанецот се опорави по бавниот старт и заслужено стигна до билет за финалето.

Чилиќ беше подобар на самиот почеток, а откако Хрватот поведе со 1-0 (6-3 во првиот сет) се чинеше дека чекори сигурно кон нов триумф во Париз. Сепак, се покажа дека тоа е се од Чилиќ во ова полуфинале, бидејќи остатокот од дуелот мина во целосна доминација на норвешкиот тенисер. Руд го доби вториот сет со 6-4, а потоа уште повеќе доминираше во третиот и четвртиот сет, триумфирајќи со идентични 6-2, 6-2 за своето прво гранслем финале во кариерата.

Осцилациите во играта на Руд, кој загуби најмалку по еден сет на последните четири меча на Ролан Гарос ќе бидат главен проблем со кој Норвежанецот ќе треба да се справи во големото финале, каде Надал без сомнеж ќе ја има улогата на апсолутен фаворит.

Се вчитува...