Салах на Твитер ги прозва моќниците во светот: Доста е веќе со насилство!

Мохамед Салах е една од најголемите фудбалски ѕвезди на Островот и секако најголемото спортско име што го искажа својот став во врска со новиот конфликт меѓу израелската армија и палестинските милитанти.

Египетскиот фудбалер на својот профил на Твитер даде изјава каква што не е честа и типична во светот на фудбалот, па дури и го повика британскиот премиер Борис Џонсон.

“Ги повикувам сите светски лидери, вклучително и премиерот на земјата што е мојот дом во последните четири години, да направат се што е во нивна моќ за да се запре насилството веднаш и да се спречат натамошни невини жртви. Доста е со насилство”, напиша Салах, обезбедувајќи скоро 250.000. лајкови како поддршка.

Да потсетиме, нова воена ескалација меѓу Хамас и Израел се случи вчера откако исламистичкото движење Хамас ја нападна израелската метропола Тел Авив со „дожд“ од ракети, а израелската армија возврати со воздушни напади на Појасот Газа. Тројца Израелци биле убиени во ракетните напади, јавуваат израелските медиуми, меѓу кои и една жена во предградието на Тел Авив, Ришон Лезион. Уште осуммина Израелци беа повредени.

 

 

 

 

Се вчитува...