Сан Антонио го „растури“ Кливленд, Џејмс Харден го „реши“ Денвер

Кошаркарите на Сан Антонио убедливо славеа против Кливленд со 110-94 на гостувањето во Охајо. Спарси одиграа одличен меч, имаа седум кошаркари со двоцифрен ефект и на тој начин ја прекинаа низата од четири порази.

Тексашаните ги предводеше Ламаркус Олдриџ со 27 поени и 6 скока, а одличен беше и Дени Грин со 22 поени, додека 13 поени дополни Мареј.

На Кливленд не му помогна ниту одличната партија на Леброн Џејмс кој беше на чекор од „трипл-дабл“ со 33 поени, 13 скока и 9 асистенции. Го следеше само Џордан Кларксон со 17 поени.

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ, пак, продолжи со одличните партии во НБА лигата, иако неговиот Денвер загуби од Хјустон со 114-119 и така ја прекина низата од четири победи едноподруго.

Јокиќ за 31 минута на паркетот постигна 21 поен, дополнети и со 14 скока и 8 асистенции.

Но, домашните немаа решение за извонредниот Џејмс Харден кој заврши со 41 постигнат поен, 8 скока и 7 асистенции, а посебно блескаше во првото полувреме кога за 19 минути постигна 27 поени.

Вашингтон во синоќешниот дуел беше подобар од Филаделфија со 109-94, а Милвоки загуби од Њу Орлеанс по продолжение со 121-123.

Се вчитува...