Сари има план како да стигне до Жоргињо

Маурицио Сари имаше беспрекорна соработка со Жоргињо во Наполи, па италијанскиот стратег веднаш по преселбата во Челси инсистираше на „Стемфорд бриџ“ да му биде доведен и италијанскиот репрезентативец со бразилски корени. Лондонскиот клуб плати 57 милиони фунти за овој трансфер, но Сари една година подоцна се пресели во Јувентус, по што Жоргињо имаше тешка задача да се наметне и кај Френк Лампард.

Иако во меѓувреме успеа да се избори за првотимски статус, 28-годишниот играч за врска е заинтересиран за враќање назад во Калчо-лигата, каде со отворени раце ќе го чека – Маурицио Сари. Стратегот на Јуве се подготвува за продажба на Миралем Пјаниќ, а парите од овој трансфер ќе ги искористи за купување на Жоргињо. Воедно, во понудата ќе биде вклучен и Бернардески, уште еден играч кој не се снајде најдобро во неговите тактички замисли, па веќе му е ставено до знаење да почне да си бара нов клуб.

Крилниот офанзивец би прифатил преселба во Премиер-лигата, а играч од негов профил дефинитивно ќе му биде потребен на Челси, ако се знае дека и Вилијан и Педро летово ќе си заминат без никаква отштета.

Се вчитува...