Саша Илиќ: Не чека пекол во Скопје, а Македонија ЃП воопшто не е наивен противник

Легендата на белградски Партизан, сега тренер на ЦСКА Софија, Саша Илиќ вели дека неговиот тим мора да биде претпазлив пред утрешниот натпревар со Македонија ЃП во 2. квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига.

Бугарите ја носат фаворитската улога, но Илиќ на денешната прес-конференција во Скопје нагласи дека Македонија ЃП воопшто не може и не смее да се потцени како противник.

„Да не се залажуваме, Македонија ЃП апсолутно не е некој наивен тим. Знам дека ни ја препишуваат фаворитската улога, но ние знаеме дека не чека тежок натпревар под тешки временски услови на кој ќе мора да одиграме максимално ако сакаме со позитивен резултат да го напуштиме Скопје. Не чека пеколно време во Скопје, со нехумани временски услови со температура од 40 степени, и тоа ќе е дополнителен проблем, но како за нас така и за нив“ – вели Илиќ, притоа осврнувајќи се и на лошата форма на неговиот тим.

„Добро го анализиравме противникот, гледав неколку натпревари на Македонија ЃП и е еден компактен тим со неколку одлични индивидуалци. Ние имаме проблеми со ефикасноста, ќе мора да го поправиме и тој сегмент од играта. Наша предност е што сме во натпреварувачки ритам, со почнато првенство, додека за Македонија ЃП е прв официјален меч. Како и да е, ни престојат тешки 180 минути, но верувам дека имаме сили и квалитет да се избориме за следната рунда на европската сцена“ – истакнува Илиќ.

Натпреварот меѓу Македонија ЃП и ЦСКА Софија се игра утре со почеток од 17:30 на стадионот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Се вчитува...