Саутгејт: Поразот боли многу, но оваа Англија ги подигна критериумите и во иднина ќе освои трофеј

Англија не успеа ’да го врати фудбалот дома’, но и не разочара со своите игри на Мундијалот. Хрватите по продолженија славеа со 2-1 и се изборија за пласман во финалето, каде ќе се сретнат со Франција, но селекторот Герет Саутгејт има пофални зборови за своите фудбалери.

„Во моментов сите чувствуваме голема болка. Тешко е да загубиш полуфинале во кое водиш од самиот старт и ќе примиш гол во продолженијата. Имавме голема шанса да влеземе во финалето, но, за жал, не ја искористивме. Сепак, горд сум на секој фудбалер што го носеше дресот на Англија на овој Мундијал. Оваа генерација ги подигна критериумите и очекувањата. Сега загубивме во полуфиналето, но веќе на големиот фудбалски собир од овие момци може да се очекува да атакуваат на трофејот“, изјави Герет Саутгејт.

Англиската јавност ги испрати фудбалерите на СП во Русија без некои посебни очекувања, но тие играа одлично, ја минаа групната фаза, а потоа стигнаа и до полуфиналето. Ќе играат против селекцијата на Белгија в сабота, во битка за третата позиција на Мундијалот.

Се вчитува...