Се е подготвено за „Охрид трчаТ 2020“ – За првпат и полумаратонска трка низ Охрид

Охрид во недела по четврти пат ќе биде домаќин на  Атлетската манифестација „Охрид трчаТ“. Новитет на „Охрид трчаТ“ викендот е полумаратонската трка на 21 километар која годинава за прв пат ќе се одржи, а на неа ќе настапат 250 учесници.

„Годинава спортскиот настан број еден во Охрид ќе сврти нов лист организирајќи полумаратон (21 километар) со кој ќе направиме дополнителен исчекор кон светските туристички метрополи кои организираат врвни спортски настани. Во недела на улиците и крајбрежјето на Охрид ќе има вкупно 500 учсници и тоа 250 на полумаратонот и 250 на рекреативната трка на 5 км. Ова издание ќе претставува посебен предизвик поради општопознатата ситуација со Ковид-19 и посебно поради фактот дека „Охрид трчаТ“ е прва атлетска улична трка која ќе се одржи во Македонија во време на пандемија од коронавирусот. Мерките, протоколите и насоките од Комисијата за заразни болести во целост обезбедуваат заштита и сигурност на сите учесници на трките како и на сите што се дел од организацијата така што нас ни останува да ги почитуваме и да се придржуваме до нив поради безбедност на сите нас. Сите заедно сме дел од Охрид и неговата промоција така што сме убедени дека ќе организираме добра трка“, стои во соопштението од организаторот.

„Охрид трчаТ“ официјално ќе стартува в сабота со експото на кое пријавените учесници ќе ги подигнуваат стартните пакети. Учесниците на 21 километар ќе стартуваат во недела во 7:30 часот, додека учесниците на рекреативната трка на 5 километри ќе стартуваат во 8:15 часот. Дел на улиците на Охрид ќе бидат затворени од 7 до 10 и 30 часот. За повеќе информации околу трката информирајте се на следниот линк www.ohridtrcat.mk.

Се вчитува...