Се одложува фудбалската сезона во Србија, што ќе се случи во Македонија?

Фудбалската сезона во Србија е на добар пат да биде одложена уште пред воопшто да стартува по се поголемиот број на заразени од коронавирус кај нашиот северен сосед. Стартот на новиот шампионат е закажан за 1 август, но со оглед на забрзаното ширење на болеста и креирањето на жаришта во неколку градови во Србија, големи се шансите првото коло да биде одложено на извесно време.

„Сите досега познати вируси траеја во просек по четири месеци. Гледаме дека овој коронавирус по четири месеци во Србија, но и во други земји, дури сега „експлодираше“. Имаме голем број на заразени во Белград, Нови Пазар, Ужице… Ризично е луѓет да се собираат на стадионите. Можеби некој ќе каже дека треба да се игра без публика, но мој став е дека фудбал без навивачи не е никаков спорт. Тажни се глетките што ги гледаме од стадионите во Германија, Англија, Шпанија… со празни трибини“, изјави претседателот на Медицинската комисија при ФСС, Миљко Ристиќ.

Во меѓувреме, во исчекување сме на последните подготовки за стартот на новата сезона во македонската Прва лига. Согласно претходната одлука на ФФМ, елитното друштво е зголемено за два тима, но во изминатите денови бевме сведоци на нови позитивни случаи во мак-фудбалот, во редовите на Македонија ЃП и на Работнички.

Засега останува предвидениот план, на 20 јули да биде извршена ждрепката за утврдување на натпреварувачкиот календар, а потоа на 15 август да стартуваат и прволигашките возбудувања. Нема дилеми дека натпреварите ќе се играат пред празни трибини, а останува надежта дека во следниот период ќе нема нови случаи на Covid-19 во мак-фудбалот, за сезоната да стартува според планот.

Се вчитува...