Се огласи докторот на Данците: „Се активираше вградениот пејсмејкер и го спаси Ериксен!“ (ВИДЕО)

Докторот на данската репрезентација, Мартин Боесен се огласи откако Кристијан Ериксен се сруши на теренот на пријателскиот натпревар меѓу Данска и Украина во Одензе.

„Од моја гледна точка, мислам дека неговиот пејсмејкер го активирал шокот додека играл. Мислам дека го видов како се држи за градите и можеби дури и викна: „Ау“. А потоа се сруши. Тогаш отидов кај него. Сега неговиот пејсмејкер се анализира бидејќи може да покаже која е основната причина. Тој се освести доста брзо. Мислам дека уредот го направи она за што беше ставен – да го врати во живот“ – рече Боесен

На Ериксен му беше вграден пејсмејкер по неговиот прв срцев удар во 2021 година.

Претходно и од Данската фудбалска федерација потврдија дека Ериксен е во свесна состојба и сместен и згрижен во клиниката во Одензе.

Како што претходно објавивме, вистински шок и молк настана на теренот откако Кристијан Ериксен само падна на теренот. Најпрво се фати за градите и се сруши на теренот.

Медицинските екипи веднаш се упатија кон него, а откако беше изведен од теренот, судијата досуди крај на дуелот.

По неговото внесување во амбулантното возило сите играчи, од двете репрезентации, го поздравуваа Ериксен и неговата сопруга на пат кон болницата.

Како што е познато, Ериксен веќе еднаш беше вратен во живот на фудбалските терени, кога доживеа срцев удар и се сруши на теренот на ЕВРО 2020, кое поради пандемијата се одигра во 2021 година.

Се вчитува...