Генералниот менаџер на НБА Европа, Џорџ Ајвазоглу, најави започнување нова кошаркарска лига во Европа.
Натпреварувањето би можело да започне во 2027 година, а во меѓувреме се познати сè повеќе детали.
„Најраниот можен почеток би бил во октомври 2027 година. Нашата визија е полуотворено натпреварување со 16 екипи, 12 постојани франшизи и четири кои би се квалификувале преку други натпреварувања, при што Лигата на шампионите во кошарка (организирана од ФИБА) е главната рута за пласман. Но, би имало и други рути“, изјави Ајвазоглу за „Л’Екип“ и додаде:
„Сакаме да создадеме пирамидален систем, сличен на оној во фудбалот, со Лигата на шампионите и Лигата на Европа како модел. Ни се допаѓа таа паралела, лесно е луѓето да ја разберат, а исто така ги наградува и спортските резултати. Сакаме соништата да се остварат, како успехот на Лестер кој ја освои Премиерлигата во 2016 година, така што ваквите успеси ќе продолжат да бидат можни.“
Ајвазоглу зборуваше и за форматот на натпреварувањето, во кој би биле и евролигашки екипи но не и Партизан и Црвена Звезда.
„Сите играат со секого, потоа следат плејофот и финалето, веројатно според европските правила, со оглед на тоа што тимовите ќе продолжат да играат и во своите национални првенства“, истакна Ајвазоглу.
ФИБА, Евролигата и НБА ќе одржат состанок во Женева во четврток.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

