Седлоски: Мора да одиграме најдобро што можеме

Шкупи во плеј-офот во Лигата на Конференции утре во 21:00 часот  игра против косовски Балкани, и има шанса да испише историја со тоа што првпат ќе се пласира во групната фаза, и ќе стане вториот тим од Македонија кој што ќе успее да дојде до овој успех после Вардар кој во 2017 играше во групите во Лигата на Европа.

Тренерот Гоце Седлоски на денешната прес-конференција истакна дека екипата е подготвена да одигра најдобро што знае досега.

„Дојде и тој натпревар со Балкани. Се радувам што сите играчи ни се на располагање, сите се подготвени, немам повредени ниту казнети играчи. Што се однесува до утре, треба да играме трпеливо, паметно, да одиграме најдобро досега што можеме, мислам дека сме способни, и гледам во играчите овие денови ќе го направат на утрешниот натпревар. Секако морам да кажам дека пред себе имаме доста квалитетен противник, штом стигнал до оваа фаза во плеј-офот. Утре е прво полувреме, 90 минути, се надевам дека играчите ќе дадат максимум и задачите ќе ги исполнат на теренот“, рече Седлоски.

Шефот на струката на Шкупи додаде дека добро е анализиран противникот, и дека ја цени екипата.

„Добро го анализиравме, пред месец и пол одигравме пријателски меч во Струга. Кажав дека се добра екипа. Тренерот кажал дека ќе се пласира во групи, секој има свои идеи и замисли, и тоа треба да се потврди на терен. Едноставно не сакам да зборувам за нив, треба играчите да кажат на терен, а ќе видиме после тие 180 минути кој ќе оди. Малку бевме тажни после испаѓањето од Шамрок, но сето тоа го оставаме зад нас. Нов натпревар, ново докажување и како што кажав мораме да дадеме се од себе, да одиграме како што знаеме, да не правиме грешки онаму каде што е најтешко да се корегираат. Игравме добро и на претходните натпревари, но грешките скапо не чинеа и со Динамо и со Шамрок“, додаде Седлоски.

Се вчитува...