Сејдини на средба со градоначалникот на Прилеп: Ние како општина сме исклучително задоволни од соработката со ФФМ

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини заедно со потпретседателот Лазар Ракиџиев и членот на УО, Марјан Стојкоски денеска во „Куќа на фудбалот“ оддржаа состанок со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

На конструктивниот состанок во Фудбалската федерација на Македонија, претставниците на двете институции разговараа за понатамошна соработка која се однесува на идна поддршка на федерацијата поврзана со фудбалската инфраструктура во Прилеп.

Фудбалската федерација на Македонија во август лани со средства од “Хет-трик” програмата на УЕФА го финансираше и целосно го заврши поставувањето на нова тревна подлога (тревни бусени) со модерен дренажен и систем за наводнување, а исто така, постави и целосно ново рефлекторско осветлување на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп.

„Се радувам на продолжувањето на соработката со Фудбалската федерација на Македонија. Ние како општина сме исклучително задоволни од соработката со ФФМ. Раководството и Управниот одбор на федерацијата навистина прават големи напори стадионот во Прилеп да биде репрезентативен со целосна категоризација за одигрување меѓународни репрезентативни и клупски натпревари. Ги прифаќаме и забелешките и сугестиите за потребата од квалитетно одржување на теренот и завршување на финалната фаза од работите во потрибинскиот простор за конечно стадионот да го добие својот вистински фудбалски лик. Исто така, за нас е важни и реакциите од нашите сограѓани кои позитивно гледаат на целиот проект и сите заедно со нетрпение го очекуваме првиот натпревар на ФК Победа на новиот „Гоце Делчев“. Се разбира, заедно да ги бодриме кога ќе заврши пандемијата предизвикана од Ковид-19. Заедно со ФФМ и ОФС Прилеп потврдивме дека ја подобруваме фудбалската инфраструктура и ќе продолжиме во таа насока. Оваа прилика ја користам и да упатам честитка до Муамед Сејдини и Управниот одбор за нивниот избор во ФФМ и да им посакам успешна работа во иднина“ – изјави градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

Се вчитува...