Сејдини пред стартот на пролетниот дел од првенството: Нека победат фудбалот и неговите вредности!

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Мухамед Сејдини пред стартот на вториот дел од првенството во Првата и во Втората македонска фудбалска лига испрати порака до сите домашни фудбалски актери со повик за максимално спортско надигрување во интерес на фудбалот, младите фудбалери и вистинскиот развој на оваа игра во Македонија.

Денеска стартуваат натпреварите од Втората лига во пролетниот дел од шампионатот, а за утре е закажан почетокот и на вториот дел од првенството во Првата македонска фудбалска лига.

„По повод стартот на пролетниот дел од сезоната 2022/2023 во Првата и Втората фудбалска лига на Македонија, ви посакувам успешна сезона и спортско натпреварување на високо професионално ниво. На клубовите им посакувам остварување на зацртаните цели, а на фудбалерите успешен и безбеден настап. На судиите им посакувам чесно и достоинствено судење, праведни одлуки во духот на фер плејот и за доброто на фудбалот. До израз нека дојдат знаењето, подготвеноста, желбата и ентузијазмот за фудбалската игра, се со цел да победи фудбалот и неговите вредности за правилниот развој на младите генерации“ – вели Сејдини во својата порака до сите фудбалски актери во земјава пред продолжението на шампионатите во двете најквалитетни натпреварувања.

Се вчитува...