Селтик прави простор за Миовски – голгетерот продаден во Серија А

Шансите Бојан Миовски летово да се врати назад во Шкотска и да го облече дресот на Селтик значително се зголемија откако „зелено-белите“ денеска дадоа зелено светло за продажба на својот најдобар напаѓач.

Германецот Николас Кун пристигна во 2024 година во Селтик од редовите на Рапид Виена и постигна 15 гола за шкотскиот гигант, но Кун кариерата ја продолжува во италијанската Серија А откако „зелено-белите“ ја прифатија понудата на Комо за неговите услуги. Тренерот Цеск Фабрегас го пикираше токму овој фудбалер како „идеална деветка“ за својата екипа за наредната сезона. Вредноста на трансферот ќе изнесува 19 милиони евра (над 16 милиони фунти), со што шкотскиот првак ќе има и доволно пари да го реализира посакуваниот трансфер на Миовски.

Македонецот блескаше две сезони во дресот на Абердин, „зелено-белите“ сакаа да го доведат и минатото лето, но тогаш проблем беа парите, па на крајот Миовски заврши во Џирона за 9 милиони евра. Тој не доби вистинска шанса во шпанскиот клуб, не е тајна дека Бојан би сакал да се врати назад на „островот“, а Селтик со отвореното место во нападот по заминувањето на Кун повторно ќе се активира во преговорите за нашиот голгетер.

Шкотските медиуми најавуваат дека шампионот ќе плати пет милиони фунти за Миовски, а останува да се види дали Џирона ќе ја прифати оваа понуда или Шпанците ќе инсистираат на повисока отштета, да вратат што поголем дел од парите што минатото лето ги вложија во македонскиот интернационалец.

Се вчитува...