Сензација: Шарлот го зеде скалпот на шампионот

Кошаркарите на Шарлот хорнетс приредија огромно изненадување откако успеаја да триумфираат на синоќешното гостување против Голден стејт со 100-111. Дуелот со шампионот беше дополнителен мотив за хорнетси кои одиграа одлично, шест гостински кошаркари завршија со двоцифрен број на поени, а во главна улога беше Двајт Хауард, кој реализираше 29 поени и 13 скокови. Кевин Дурант беше најрасположен за игра кај Голден стејт, постигнувајќи 27 поени, Клеј Томпсон стигна до 24, но и тоа беше премалку за да се триумфира на овој натпревар.

Градското дерби на Лос Анџелес заврши со убедлив триумф на клиперси (106-121), кои беа предводени од страна на својата суперѕвезда Блејк Грифин. Тој се врати на терените откако ги пропушти последните 14 средби на ЛА клиперс и експресно ја презеде лидерската улога, постигнувајќи 24 поени во победата на својот тим.

Најинтересно беше во Оклахома сити, каде домаќините по голема борба загубија од Милвоки со 95-97. Расел Вестбрук постигна 40 поени, но човек на одлука беше грчкиот репрезентативец Антетокумпо, кој го имаше забивањето за победа со самиот звук на сирената.

Резултати НБА:

Вашингтон – Хјустон 121-103, Торонто – Атланта 111-98, Мајами – Бруклин 87-111, Чикаго – Индијана 119-107, Њу Орлеанс – Далас 120-128, Оклахома сити – Милвоки 95-97, Сакраменто – Феникс 101-111, Голден стејт – Шарлот 100-111, ЛА лејкерс – ЛА клиперс 106-121.

Се вчитува...