Голем пресврт за фудбалот во Италија. Иако сите мислеа дека на „чизмата“ набрзо ќе бидат олабавени мерките за заштита од коронавирусот и Серија А ќе продолжи на почетокот на јуни, сепак, најновиот став на министерот за спорт, Винченцо Спадафора, воопшто не ги радува фудбалските вљубеници. Тој им порача на сопствениците на клубовите многу повеќе да размислуваат за почеток на следната сезона, отколку за доигрување на тековниот шампионат.
„Многумина споменуваат од средината на мај да се почне со тренинзи, а наскоро првенството да продолжи. Но, ако сакаме да го сузбиеме ризикот од ширење на коронавирусот, треба да ги следиме примерите на Холандија и на Франција. Искрено, такво сценарио и кај нас е се поблиску да се случи. Не гледам проблем во индивидуалниот тренинг на фудбалерите, но натпреварите не се можни во овој момент. Да сум, на местото на претседателите на клубовите, би почнал да размислувам за следната сезона“, порача Спадафора.
Овој став на владата сега се сфаќа како најава дека Серија А воопшто и нема да продолжи оваа сезона. Но, се јави и претседателот на Фудбалската федерација на Италија, Габриеле Гравина.
„Фудбалот помага да се покрене економијата, но исто така и социјалниот феномен е многу значаен за општеството. Разочаран сум што морам да се борам против апатијата и незаинтересираноста за фудбал. Ова е големо непочитување за спортот што секој викенд го гледаат повеќе од 14 милиони луѓе. За да имаме нула ризик, ќе треба да сочекаме вакцината против коронавирусот. А таа нема да биде ниту до пролетта 2021 година. Ние не можеме толку да чекаме. Дури и да биде развиена вакцината, прашање е колку ќе биде достапна“, изјави Габриеле Гравина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА