СЕРИЈАЛ НА ДАРКО ПАНЧЕВ – „ТАЈНИТЕ НА ГОЛЕМИОТ ВАРДАР“ (7): „Вардарци“ со огромен респект дочекани во Баден Баден, посебно внимание за репрезентативците Балевски и Рамаданов!
Преку серијал свои текстови, најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, а како постепена најава на 80-годишнината од формирањето на најтрофејниот македонски клуб, низ наредниот период, за ЕКИПА, ќе долови ексклузивни, досега нераскажани, приказни од најпрепознатливите 60 бисерни вардарови натпревари, преку кои на вистински начин се откриваат тајните каде всушност лежи големината на црвено-црните бои. Зошто Вардар е незаменлив дел од македонската историја. Зошто брендот е жив до ден-денешен. Која е душата на неговото постоење? Кое е неговото најголемо богатство – вистинскиот темел на брендот Вардар!?
Постои еден популарен, распространет стереотип за милиони навивачи ширум планетата, дека фудбалот е најбавата споредна работа на светот. Тој е, во некоја рака, и само делумно точен ако се знае дека има навивачи, и тоа во не мал број, за кои фудбалот и нивните клубови се единствената најважна работа во нивните животи. Ги имало и ги има и денес и на нашите простори. Тие се оние најлојалните, посебните и доживотни приврзаници на своите миленици, на боите на клубот и на за нив вечно светото име со кое се поистоветуваат. И, добро е што ги има.
Од некогаш преубавата скопска железничка станица по земјотресот, во употреба ќе остане само дел од источната страна каде што е новиот импровизиран влез за перонот од кој малубројната група вардарови млади фудбалери заедно со водството на патот ќе се качи на возот на ЈЖА на дводневното патување до Германија. Удобно сместени, за да можат со малку среќа, да го преспијат патот до Белград. Точно во 22 часот кога ќе стартува новото патување на Вардар, Јуда Рамаданов, едно од младите вардарови момчиња, седнат сам на една од клупите во возот, а свртен со грб на правецот на движење, ги гледа малубројните железнички работници кои си заминуваат. Одеднаш од полусенката на слабото жолтеникаво светло ќе „изрони“ пред неговите очи силуета на висок, тенок, малку подгрбавен маж со изразито исфрлена глава напред, необично повлечен во себе а облечен во жолтеникаво-син излитен краток мантил од твид, и со рацете длабоко закопани во џебовите. Зекирија, му пролета низ главата! Додека се напрегаше подобро да го забележи осамениот човек, возот веќе забрзуваше, а силуетата неизбежно се оддалечуваше. Тој ли беше? Од време на време потоа сликата постојано му пролетуваше низ глава, ама никогаш не провери дали добро виде. Следниот ден првпат слегоа од возот во Лесце, мала попатна железничка станица во Словенија, каде преноќувајќи малку се одморија, за да во прекрасен ресторан на Бледско езеро добијат следниот ден и ручек – вистински гозба за младите огладнети скопски момци и нивните љубопитни очи. По неколку часа уживање во убавините на недопрената природа, повторно во возот па до следна станица во Минхен, и потоа уште 350 километри до Реинфелден каде таа 1965 година повторно ги чекаше силниот меѓународен турнир во регионот на Баден Баден.
Капитените Доне Божиновски и Диме Георгиев во Реинфелден
Се сместија „вардарци“ во мал пристоен хотел на периферијата на градчето од 7-8 илјади жители, опкружени со зеленило во самото подножје на планинскиот масив Шварцвалд (Црната шума), чии што одморалишта во 19. век ќе бидат меѓу најпопуларните за одмор на богатите Европејци. Немаа нашите вардарови момчиња некој посебен контакт со останатите екипи учесници на турнирот, освен за време на заедничкиот ручек во ресторан во строгиот центар на градот – германски вурст, сладок компир и задолжителна супа пред почетокот на јадењето.
Десеттина дена заедничко дружење, поради непознавање на јазикот на нивните врсници, не помогнаа многу за подобро да се запознаат со фудбалерите од другите екипи. Подобро се разбираа на теренот на малиот стадион со капацитет од 3-4 илјади навивачи, кој беше исполнет буквално до последното место на финалето на турнирот. Повторно, како и претходната година, тимовите беа од Данска, Германија и Франција, и секако скопски Вардар, распоредени во две групи по пет екипи.
„Таа втора година мислам дека не чекаа далеку поподготвени екипи, со далеку посилна и поизрамнета конкуренција. Но, и ние бевме каде, каде, далеку поподготвени за таа 1965 година. Одигравме претходно, како тим, многу повеќе натпревари, бевме претходно и на неколку други турнири, голем дел од играчите играа и за вториот тим на Вардар, а некои веќе имаа и по некоја минута и за првиот тим на Вардар. Помладите играа успешно и во Купот на Југославија, беа поискусни и покрај поразот во финалето, со далеку поголема самодоверба и силно мотивирани за тоа што не очекува во Баден Баден. Лично бев голем оптимист, а такво беше расположението и меѓу останатите соиграчи и водството на тимот. На состанокот по извлекувањето за групната фаза, тренерот Урош Петровски направи еден чуден потег. Дотогаш капитен на тимот беше Доне Божиновски, а сега ненајавено на општо изненадување, определи четири различни капитени за секој од натпреварите посебно. Доне за првиот, Николовски за вториот, Пеев за третиот натпревар и мене за четвртиот финален натпревар, ако стигнеме до таму“ – се потсетува Диме Георгиев.
Огромно внимание во германските медиуми беше посветено на натпреварите на Вардар
А, меѓу Германците, видливо беше дека минатогодишното учество на Вардар на турнирот не останало незабележано. Тренерот на првиот тим на Вардар, Хуго Рушевљанин внесе многу новини. Меѓу другото, и тоа дека младинската екипа мора да биде прописно облечена во нови одела со задолжителни машни.
„Беше во право, затоа што и на стадионот ниту во публиката немаше поинаку облечени. Многу камери, новинари и тренери доаѓаа и на нашите тренинзи и на натпреварите. Водството на патот пронајде некој нашинец во Германија кој ни помагаше со преводот, а имаше и многу Југословени на привремена работа во околните градови кои кога дознаа дека игра Вардар, доаѓаа со силна поддршка и голема помош за нас. Педантните Германци беа добро информирани дека во екипата имаме и дваjца младински репрезентативци на Југославија, Ванчо Балевски и Јуда Рамаданов, кои беа посебно интересни за новинарите и фудбалските експерти. Од посебна помош ни беше и Драган Ангеловски, доктор со потекло од Кочани, тогаш на работа и со живеалиште во Реинфелден, крајно љубезен и од голема помош за нас посебно кога нашиот тренер беше отсутен затоа што мораше да ги гледа натпреварите на противниците во групата. Функциониравме многу подобро, и на повисоко ниво отколку претходната година. Да бидеме искрени, навистина ни годеше вниманието и респектот кои ни беа укажувани. Во таква позитивна атмосфера на натпреварите им пристапивме низ максимален оптимизам. Мене, пак, постојано ме мачеше идејата на Петровски за четири капитени, а јас бев четвртиот. Си мислев, ме стави последен за да на дојдам на ред. Или, пак, толку силно веруваше во нас па беше сигурен дека ќе стигнеме до финалето и сакаше посебно да ме мотивира“ – дополнува Диме Георгиев.
Голем број навивачи, фудбалски експерти но и медиуми ги следеа натпреварите на Вардар
И, младите „вардарци“, низ нова навистина квалитетна игра во групната фаза повторно ќе дојдат до финалето на турнирот.
Момент од натпреварите на младинците на Вардар на Интернационалниот турнир во 1965 година во Баден Баден
А во финалето, повторно противник, кој друг ако не Баерн Минхен. Но, овој пат, анализирајќи го начинот на игра на Вардар во групната фаза, веќе сите стручни фудбалски лица присутни во Баден Баден, и со проценка дека екипата од Скопје и тоа како може да изненади во финалето….
ПРОДОЛЖУВА: Полни актовки, Баерн Минхен на колена и освоениот „кајзеров пехар“!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА