„Шаховско надмудрување“ на Хрватска и Русија за полуфинале!

Хрватска вечерва од 20 часот во Сочи, без сомнение, во четвртфиналето на СП 2018 го игра најважниот за себе натпревар во последните 20 години. Најважниот натпревар го играат и Русите. Па, ако се суди според важноста на овој меч и за двете страни, тогаш дефинитивно фудбалскиот свет и не очекува некоја посебна фудбалска убавина од вечерашната пресметка. Но, „шаховско надмудрување“…

Хрватите знаат дека и тоа како мора да бидат внимателни, без разлика што ја носат фаворитската улога. Знаат дека мора да го искористат на вистински начин адреналинот кој ги „тресе“ фудбалерите. Токму онака како на мечот против Аргентина во групната фаза…

„Не е фудбал само кога напаѓаш. Ние уживавме кога еден за друг се фрлавме во оган на мечот против Аргентина. Тоа е Хрватска. Сакаме на сите да им покажеме како игра Хрватска кога се бориме сите заедно за нашите цели“ – порачува Иван Ракитиќ пред вечерашниот дуел.

Русите, пак, уште еднаш се надеваат во тактиката на својот селектор, онаа дефанзивната. Само на тој начин, според фудбалските аналитичари, може да се надеваат на некаков успех и евентуален пласман во полуфиналето. И самите Руси знаат дека со квалитет се дебело зад екипите кои конкурираат за титула. Затоа селекторот Станислав Черчесов од меч на меч ја претвора својата репрезентација во „камелеон“ кој се адаптира на противникот, па ако треба да демонстрира и антифудбал.

„За нас огромен успег е и пласманот во четвртфиналето. Се понатака би било извонредно. Секако, со поддршка на нашите навивачи и тоа како ќе се обидеме да дојдеме до полуфиналето“ – вели Черчесов.

Се вчитува...