Шаќири: Горд сум на момците, жал ми е што ги гледам тажни и разочарани, но пеналите се само лотарија!

Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Артим Шаќири не го криеше задоволството од изданието на своите избраници на реванш дуелот против АИК, и покрај што останува горчината поради начинот на кој е доживеана елиминацијата од шведскиот тим.

Шкендија беше објективно подобар противник на теренот и заслужи пласман понатаму, но одлучи пенал-рулетот кој не дозволи на крај да се радуваат црвено-црните.

„Горд сум на момците затоа што покажаа дека знаеме да играме фудбал, да бидеме рамноправни со секого во Европа. Заслуживме да победиме и да одиме понатаму, но тоа е фудбалот. На крај и среќата не беше на наша страна. Но, пеналите се само лотарија, за жал, овој пат несреќна по нас“ – истакна Шаќири на прес-конференцијата по средбата, притоа дополнувајќи:

„Сепак, мора да знаеме дека игравме против една силна екипа како АИК. Добро знаеме на кое ниво е шведскиот фудбал. АИК игра на стадион вреден 200 милиони евра, е еве гледате на каков терен играме ние. Но, сите овие европски натпревари ни даваат сила и мотив за понатаму. Градиме една Шкендија на долг рок, ќе има и нови засилувања и ќе има освежувања. Жал ми е за играчите кои навистина се разочарани. Хасани е крајно тажен по промашениот пенал, но животот продолжува мора да бидеме се посилни“.

Шкендија веќе од престојниов викенд се насочува кон домашните активности и средбата со Силекс во 2. коло од Првата македонска фудбалска лига која се игра во недела.

Се вчитува...