Екипата на Шкендија утре од 17 часот на стадионот на Даугава во Рига ја очекува првиот натпревар од 2. квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига против летонската Валмиера.
По двата меча без пораз со ерменски Арарат, тимот на Артим Шаќири со дополнително засилен мотив го очекува второто коло против Летонците од кое, без сомнение, посакува продолжување на европскиот пат.
„Подготвени сме за новиот европски предизвик. Добро ја анализиравме екипата на Валмеира за која знаеме дека е квалитетен тим кој игра отворен фудбал, посебно на домашен терен. Свесни сме дека не чека тежок натпревар, но ние имаме свои цели во европското натпреварување ова лето. Шкендија на секој натпревар ќе оди на победа, и така ќе биде и утре. Сакаме позитивен резултат со кој би се вратиле потоа на реваншот на домашен терен за надеж за пласман во следната рунда“ – истакна Шаќири на прес-конференцијата во Рига.
Сосема еднакво е размислувањето и на капитенот Ферхан Хасани, кој верува дека ќе одиграат квалитетен меч.
„На претходните два натпревари од првото коло покажавме дека Шкендија на секој дуел, против секој противник оди со желба за победа. Подготвени сме да го дадеме максимумот на утрешниот меч и да дојдеме до позитивен резултат со кој ќе се вратиме назад, а потоа на домашен терен да го завериме патот кон следната рунда во Конференциската лига“ – истакна Хасани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА