Шаќири пред заминување од Ливерпул?

Џердан Шаќири сериозно размислува за заминување од Ливерпул откако не ја добива неопходната минутажа за да ги покаже своите квалитети. Швајцарецот имаше одличен старт на ланската авантура, но како што одминуваше времето, така и неговата улога во тимот се повеќе беше маргинализирана. Тој ја заврши сезоната со 23 натпревари, но на 11 од нив влегуваше од клупата за резерви, а ништо подобро не му се пишува ниту во новата сезона.

„Не е тајна, разочаран сум што не играм повеќе. Никој не сака да седи на клупата. Јасно е дека сакам да минувам повеќе време на теренот, ќе треба да ја разгледам ситуацијата и да најдам решение“ – изјави Шаќири за медиумите во татковината.

Ливерпул не беше активен на пазарот бидејќи приоритет на Клоп беше да се задржат сите фудбалери кои ја освоија европската круна. Останува да се види дали Германецот ќе се согласи на продажба на Шаќири, особено во ситуација кога нема добиено сериозна понуда и сите заинтересирани клубови се обидуваат да го донесат Швајцарецот само на позајмица.

Се вчитува...