Шампионот подобар од Њу Орлеанс, Сан Антонио го „растури“ Шарлот

Актуелните шампиони Голден стејт славеа против Њу Орлеанс со 110-95 во еден од синоќешните натпревари во НБА лигата.

Гостите одлично го почнаа мечот стекнувајќи се со предност од 14 поени веќе по само 12 минути игра. Но, „воините“ во продолжението комплетно ја презедоа контролата на играта па до полувремето стигнаа на само поен негатива. Во вториот дел продолжи доминацијата на Голден стејт кој во еден момент стигна и до 16 поени предност, на крајот и за конечна победа од 110-95.

Стеф Кари предводеше во победничкиот тим со 27 поени, додека Ентони Дејвис беше најдобар кај гостите со постигнати 30 поени.

Грифин, пак, со 33 постигнати поени го предводеше ЛА Клиперс во победата од 95-97 против Сакраменто. Грифин на тоа имаше плус и пет асистенции и четири скока. Одличен во победничкиот тим беше и Лу Вилијамс со 18 поени. Кај Сакраменто, Бади Хилд постигна 27 поени, а српскиот репрезентативец Богдан Богдановиќ мечот го заврши со 10 поени.

Сан Антонио запиша победа против Шарлот од 86-106. ЛаМаркус Олдриџ беше најдобар кај Спарси со 18 поени, а Кемба Вокер исто така запиша 18 поени.

Атланта на домашен терен загуби од Торонто со 78-112. Гостите беа подобри во секој сегмент од играта, па стигнаа до лесна победа во „Филипс арената“. Норман Пауел кај гостите беше најефикасен со 17 поени, додека за домашните Шрудер запиша 14 поени.

Филаделфија го совлада Орландо со 130-111, предводена од Џеј-џеј Редик кој мечот го заврши со 29 поени. Кај гостите Елфрид Пејтон броеше до 22 поени.

Во останатите мечеви, Хјустон славеше против Њујорк со 117-102, Далас беше подобар од Оклахома победувајќи со 97-81, а Бостон славеше на гостувањето против Индијана со 98-108. Јута го победи Милвоки со 121-108.

Се вчитува...