Шампионот Вардар почна со подготовки: Исени дојде, Стојков се врати

Македонскиот првак Вардар денеска почна со летните подготовки, во пресрет на настапот во квалификациите за Лигата на шампионите. Тренерот Гоце Седлоски го немаше на располагање комплетниот тим, со оглед дека младите репртезентативци се во Полска, а и дел од останатите добија продолжен одмор поради продолжените активности.

Но, има две нови лица. Едното е Бесир Исени, младиот напаѓач кој дојде од Шкупи, а второто е Ацо Стојков, кој со одлука на клубот долго време тренираше со младинскиот тим. Сега, конечно „неправдата е исправена“, иако и не е сосема јасен неговиот понатамошен статус.

vardar podgotovki 7

Од прозивката оправдано отсуствуваа неколку фудбалери. На Филип Гачевски, Стефан Спировски, Џамбул Џигаури, Дамир Којашевиќ, Тигран Барсегјан им беше даден дополнителен одмор поради обврските со нивните национални селекции, додека бразилските играчи Џонатан Боарето и Хуан Фелипе се очекува да пристигнат во следните неколку дена.

Подоцна ќе се приклучат и играчите кои имаат обврски со младата репрезентација на Македонија на престојното Европско првенство во Полска. Игор Алексовски, Бесир Демири, Бобан Николов, Дарко Велковски, Петар Петковски заедно со новото засилување Висар Муслиу, ќе се приклучат кога ќе им завршат репрезентативните обврски.

Во тимот на Вардар веќе го нема Горан Попов, кој си заминува од клубот со спогодбен раскин на договорот, шест месеци пред неговиот истек.

Се вчитува...