Шекил О’Нил: Леброн е веќе легенда, не треба да брка титули

Легендарниот НБА кошаркар, Шекил О’Нил, смета дека досега освоените три шампионски прстени му се сосема доволни на Леброн Џејмс и оти тој веќе ја потврдил својата големина и си го заслужил местото меѓу најдобрите во историјата.

„Проблемот што го имав кон крајот од кариерата беше тоа што се обидував да ги замолчам сите. Бев алчен. Имав три титули и сите велеа дека не можам веќе. Ја освоив и четвртата. Потоа повторно зборуваа. И затоа јас менував клубови во обидот повторно да докажувам дека не се во право“ – раскажува О’Нил.

Џејмс летово стана слободен агент и веќе неколку седмици се шпекулира со неговиот потенцијален нов клуб.

„Леброн е веќе легенда. Веќе остави белег, има три шампионски трофеи. Меѓутоа, тој веројатно размислува за тоа како да дојде до четвртиот пред Стеф Кари. Да сум на негово место, не би го правел тоа. Затоа што на крајот едноставно не е важно. Луѓето зборуваат за тоа кој е подобар, тој или Мајкл Џордан. Тоа би требало да му биде доволно“ – завршува четирикратниот НБА шампион.

Шекил О’Нил и Леброн Џејмс беа соиграчи во Кливленд во сезоната 2009/10.

Леброн Џејмс има три шампионски титули во НБА лигата, последната освоена во 2016 година со Кливленд. Во претходните две сезони ги губеше финалните серии од Голден Стејт.

 

Се вчитува...