Шкендија од Стокхолм го почнува патот кон плеј-офот во Конференциската лига

Тетовска Шкендија вечерва од 19 часот го игра првиот натпревар против шведски АИК во 3. квалификациско коло во Лигата на Конференции, што е првата пречка кон плеј-офот во ова натпреварување. Доколку го мине АИК, тогаш тетовци во битката за групната фаза во ЛК ќе играат со поразениот од дуелот Фенербахче – Словачко, дуел кој е во Лигата на Европа.

Шкендија на патот до третото коло ги елиминираше Арарат и Валмиера, екипи кои не беа достојни да парираат на тетовскиот тим, но сега се чини момците на Артим Шаќири ги чека најтешкиот предизвик ова европско лето.

Дека АИК не е непобедлив, покажа и дуелот во второто квалификациско коло против Ворскла. Украинскиот тим славеше како домаќин на неутрален терен со 3-2, за АИК дома да го совлада 1-0, а потоа во продолженијата да го елиминира тимот на Ѓоко Зајков.

Шкендија има шанси сега да стигне до плеј-оф, после разочарувачкиот настап во Европа минатата сезона кога беше елиминиран од Мура, а потоа и од Рига.

Тренерот Артим Шаќири, кој своевремено има играно во Шведска, смета дека противникот е фаворит, но дека неговиот тим е дојден во Стокхолм по позитивен резултат пред реваншот во Скопје идната недела.

„АИК максимално го почитуваме, фаворит е на хартија, но на теренот се почитуваме само ние и дојдовме да одиграме квалитетно и по добар резултат. Ако одиграме како што ќе се договориме, ќе одиме во следната рунда, а јас сум оптимист дека ќе извадиме добар резултат. Нивно најопасно оружје е нападот, зашто не е лесно на Ворскла да  дадете четири гола, а од друга страна одбраната им е ‘потенка’ и имаат слабости кои треба да ги искористиме. Имаме доволно информации, ги анализиравме“, вели Шаќири.

Се вчитува...