Шкендија со „капитал“ од два гола пред реваншот со Арарат

Шкендија дојде до солидна предност против Арарат во првиот меч од 1. квалификациско коло во Конференциската Лига. Тетовци со головите на Шала и на Нафиу уште во првиот дел, славеа со 2-0, и со добар резултат патуваат во реваншот во Ереван. Главните настани се одвиваа во првиот дел кога паднаа и двата гола, и кога имаше и повеќе шанси. Дека Шкендија не треба да се опушта на реваншот, покажаа трите добри прилики на Ерменците во првиот дел, кога Захов на три пати мораше да спасува, и да ја сочува мрежата.

Првата закана дојде од гостинскиот тим кога Глишиќ уште во 1. минута имаше шанса по пробивот на гостите по левата страна, но неговиот удар го одбрани Захов во корнер.

Шкендија потоа ја презеде иницијативата, и тоа даде плод во 21. минута кога Шала успеа да погоди. Акција по левата страна преку Дориев, кој се обиде да го пронајде Гури на пет метри, интервенираше одбраната на Арарат, а топката стигна до Шала кој само спроведе во празната мрежа.

Веднаш по голот шанса за Дориев и тоа одлична, го совлада Потапов, но Прљевиќ интервенираше пред топката да ја мине гол линијата.

Потоа во финишот мал пад во играта на тетовци, па две шанси за Арарат. Најпрво Мкојан осамен пред Захов, шутира, но голманот на Шкендија брани. Захов потоа го одбрани ударот и на Малакјан од триесетина метри. Во финишот на првиот дел и нешто погруба игра, па и два жолти картони на Дита, Цаке и Нафиу.

Сепак, во иницијативата на Арарат, Шкендија „заби“ и втор гол. Стрелаше Нафиу од дваесетина метри, откако доби една топка и без размислување со надворешниот дел од копачката погоди во левиот агол за водство од 2-0 на полувремето.

Во вториот дел далеку помалку возбудувања и шанси од првото полувреме. Шкендија како да се задоволи со резултатот, па само чекаше шанса од противнапади, додека Арарат се отвори да постигне барем еден гол. Сепак, ниту едните ниту другите не импресионираа со играта.

Првата посериозна прилика во вториот дел дојде дури во 81. минута преку Елези, кој доби топка од Хасани, меѓутоа од 16 метри иако осамен, шутираше лошо и крај голот. Во 89. минута прилика и за нововлезениот Вагнер, но од десната страна шутираше само во надворешниот дел од мрежата.

Реваншот е идниот четврток во Ереван.

Се вчитува...