Шкупи е далеку од групи: Поразен од Балкани среде Скопје (ВИДЕО)

Екипата на Шкупи е далеку од пласман во групната фаза во Лигата на конференции, откако загуби на домашен терен од косовски Балкани со 1-2. Подобрата игра, повеќето шанси не беа крунисани со победа, па чаирчани има што да жалат. Од друга страна косовскиот тим одигра мирно, се закануваше од противнапади, максимално ги користеше сите „подароци“ кои Шкупи ги даде. Можеше Балкани до поубедлиува победа, но Шкупи во финишот промаши две чисти шанси за израмнување, а еднаш и пречката ги спаси гостите од Косово. Најреално ќе беше можеби нерешеното, меѓутоа дисциплинираната игра на Балкани во одбрана се покажа како клучен момент за успехот на косовскиот тим, кој е блиску да испише историја идниот четврток.

Првите 15 минути минаа со борбена игра на средината на теренот, многу загубени топки и една шанса. Адетунџи одкосо од лево упати прецизен удар, но голманот на Балкани одбрани во корнер.

Во 18. минута водство за Шкупи. Алварез од десната страна нафрли на првиот дирек, а Адетунџи само малку ја чепна топката го смени правецот и постигна погодок.

Во миговите кога Шкупи ја имаше контролата, повторно прими гол. Идентично како и на минатите натпревари низ Европа, нафрлување од нивната лева страна беше „кобно“, па Балкани во 22. минута дојде до израмнување. Рахмани убаво од прва со нога го совлада Наумовски и донесе „егал“.

Шкупи се обиде да се „разбуди“ од шокот и со шут на Алварез со волеј од 20 метри, но голманот Љуљановиќ беше внимателен и успеа да одбрани. Адетунџи во 43. минута имаше прекрасна шанса по нафрлување на Брдаровски, меѓутоа неговиот удар со глава мина само сантиметри крај десниот дирек.

Во вториот дел чаирчани како да тргнаа одлучно да постигнат и втор гол. Вршеа висок пресинг на половината на Балкани, па така косовскиот тим тешко ја изнесуваше топката. Но, затоа во одбрана беа максимално дисциплинирани, па чаирчани не дојдоа до посериозна шанса. Така првата прилика во вториот дел ја имаа гостите кога оставија многу простор за Красниќи, но во завршницата биеше млако, и Наумовски успеа да одбрани.

Конечно, одбраната на Балкани пробиена и тоа по брзпротивнапад, и индивидуална завршница на Цефас, кој го мина противникот, излезе сам пред голот, но Љуљановиќ ги спасува Косовците овојпат од негатива.

Трпеливата и дисциплинирана игра на Балкани му донесе резултат во 67. минута. Кореница се „прошета“ на половината на Шкупи, стигна до 22-23 метри, никој не го блокираше, а играчот на косовскиот тим со убав удар ја смести топката во мрежата на Наумовски.

Шкупи можеше да врати само две минути подоцна откако Хамиди во 69. минута ја погоди пречката со удар од 17-18 метри. Хамиди не стана јунак на Шкупи, но можеше да биде целосен трагичар откако во 72. минута загуби една топка на средината, па овозможи противнапад на Балкани, но ударот на Красниќи го брани Наумовски, и спасува поубедливо водство на гостите.

Во 81. минута паника во дефанзивата на Балкани, Шкупи постигнува гол, но судијата вели не… Офсајд од Адетунџи, Косовците се спасија.

До крајот на мечот Шкупи се отвори со цел да постигне гол и да дојде барем до „реми“, но пробивите на крилните играчи не дадоа плод, а контрите во тие мигови беа најдоброто решение за Балкани. Косовскиот тим со лежење на теренот се обидуваше да украде од времето, за дополнителна нервоза за фудбалерите во сини дресови.

Што ли пропушти само во последните мигови фудбалерот на Шкупи Цефас? Нафрлена топка од десната страна, Цефас осамен на пет метри, но со глава го префрли голот. Се чини испуштена можност на чаирчани да стигнат барем до нерешено, и да ги зголемат шансите за пласман во групната фаза. Вака останува на реваншот да мора да бркаат победа, барем со еден разлика за барем продолженија.

Се вчитува...