Шкупи е во 2. коло во ЛШ: Пораз во Гибралтар за заборав и опомена (ВИДЕО)

Само еден гол беше потребен Линколн да го стигне резултатот на Шкупи од првиот меч, и да најави сензација. Сепак, на крајот чаирскиот тим се пласираше во 2. коло, и покрај поразот во Гибралтар од 2-0. Се виде дека македонскиот првак има големи проблеми на вештачката трева, тешко играше, а Линколн со два гола успеа да победи. За среќа на Шкупи, предноста од првиот меч беше недостижна, па така избраниците на Гоце Седлоски продолжуваат во 2. квалификациско коло.

Се гледа дека Линколн е опасен од прекини и од нафрлени топки. Една таква во 11. минута можеше да донесе проблеми, но Нано од само 5-6 метри не ја зафати топката со глава и не ја спроведе во празната мрежа.

Алварез во 29. минута се закани со слободен удар од 35 метри, но голманот на Линколн одби во корнер.

Во 31. минута водство за Линколн. Изведен корнер и лоша реакција на одбраната, топката стигна до Нано кој шутираше, Наумовски одби само до Хуанфри кој погоди во мрежата. Веднаш со шанса врати Адетунџи, но шутираше крајно непрецизно.

Во вториот дел како одминуваше времето, Линколн се повеќе се отвораше. Гоце Седлоски се обиде со внесување на Трапаноски да ја раздвижи екипата која имаше многу простор за противнапади, но никако не одеше.

Линколн трпеливо ја чекаше својата шанса, чекаше грешка на Шкупи, и таа се случи во 69. минута кога Каскиеро стрелаше по одлична акција, за 2-0 за Гибралтарците и „паника“ во редовите на чаирчани.

Сепак, во финишот избраниците на Гоце Седлоски се одбранија и на крајот овој пораз нема да боли, со оглед дека предноста од три гола по првиот меч на крајот беше доволна да се пласираат во 2. квалификациско коло и да играат два меча со Динамо Загреб.

Се вчитува...