Шкупи елиминиран од Лигата на Европа: Шамрок славеше триумф и во Скопје (ВИДЕО)

Шкупи претрпе и втор пораз од Шамрок. На домашен терен очекувањата беа големи, но на крајот разочарани лица. Ирците триумфално заминуваат и од Скопје, и се пласираа во плеј-офот во Лигата на Европа.

Чуден беше натпреварот. Шамрок не успеа да дојде до гол кога имаше позрели шанси, а даде два гола во моментите кога Шкупи доминираше, имаше прилики и тргна на се или ништо. Кобни беа грешките во одбраната на чаирчани, кои беа присутни речиси во целиот тек на натпреварот, а нападот не успеваше да дојде до шанса. Адетунџи беше отсечен на страничните позиции, а напаѓачите се менуваа: Георгиев, Трапановски, но никој не успеа да го најде патот до мрежата кога требаше. Адетунџи само во судиското надполнување успеа, конечно, да постигне гол за чаирчани, но остана горчината на Шкупи. Сега чаирчани ќе треба да се фокусираат кон плеј-офот во Лигата на конференции каде ќе имаат шанса да обезбедат европска есен.

По првиот дел немаше голови, но Шамрок беше поопасен и поблиску до погодок отколку Шкупи. Ирците имаа барем четири стонастотни шанси, погодија и статива, Наумовски бранеше три стонастотни шанси, па Сенгор спасуваше од гол линија… Одбраната на чаирчани имаше многу пукнатини, а тоа не го искористија гостите по првиот дел.

За разлика од нив, Шкупи најдобрата прилика во првите 45. минути ја имаше преку Сенгор којшто во мешаницата шутираше само над голот од 5-6 метри, и пропушти добра шанса. Така мрежите по првиот дел мируваа, нешто што целосно му одговораше на ирскиот тим.

Далеку подобро „влезе“ Шкупи во вториот дел, со измените кои ги направи Гоце Седлоски. Дури три на полувремето, откако ги уфрли Брдаровски, Трапановски и Абдула. Чаирчани нападнаа по голот на Шамрок, во првите 10 минути имаа и две добри шанси, но не ги искористија најпрво Сенгор, а потоа и Пепи Георгиев. Првиот шутираше над гол, вториот само во рацете на Манус.

Нападите се редеа, а Трапановски потоа влезе во шанса, но шутираше високо над голот.

Како одминуваше времето, нервозата во редовите на Шкупи стануваше се поголема, па тоа го искористија Ирците. Кога чаирчани имаа доминација и кога беа подобри, примија гол со кој се оддалечија од плеј-офот во Лигата на Европа. Гафни во 65. минута погоди после еден противнапад, и удар од 23-24 метри кој го зафати и Абдула, па го лобуваше немоќниот Наумовски кој само со поглед ја проследи топката во мрежата.

Врати со шанса веднаш Трапановски, но одбрани Манус, а потоа и Куевен шутираше само крај голот, Шкупи пропушти две шанси веднаш да се врати во мечот, и во финишот да атакува на уште два гола.

Алварез во 73. минута се обиде од далечина, но повторно голманот на Шамрок добро одбрани и го остави својот тим во позитива и поблиску до следната фаза.

Кога не може Шкупи, може Шамрок. Емаку во 85. минута постигна втор гол, и го реши прашањето околу патникот и околу победникот. Нова некоординација на одбраната на Шкупи, Емаку доби топка, Наумовски излезе но не успеа да стигне до топката, па играчот на Шамрок само ја спроведе во празната мрежа.

Публиката после вториот гол разочарана го напушти стадионот и предвреме си замина дома и не го видоа почесниот гол на Адетунџи во судиското надполнување. Напаѓачот со шут од дваесетина метри, конечно, успеа да погоди во противничката мрежа и да го ублажи поразот.

Се вчитува...