Шкупи со оптимизам го чека Шамрок: Се посакува триумф со голема разлика

Доколку сака пласман во плеј-офот во Лигата на Европа, и така сигурно обезбедена европска есен, Шкупи ќе мора вечерва да го совлада Шамрок со два или повеќе голови разлика. Тоа го наложува резултатот од првиот натпревар кој заврши со 3-1 во корист на Ирците. Шкупи се пожали на проблеми при пристигнувањето во Ирска, а на вчерашната прес-конференција тоа патување не се спомена, туку само грешките кои беа направени, и жалење за голот во последните секунди.

Шкупи сега на домашен терен пред своја публика која ќе дојде вечерва на Националната Арена „Тодор Проески“, и со оптимизам и верба во себе го дочекува Шамрок, со надеж дека ќе успее да го совлада со повеќе од два разлика.

Тренерот Гоце Седлоски смета дека доколку Шкупи се постави онака како што знае, и доколку одигра како во второто полувреме, е убеден дека чаирскиот тим ќе стигне до посакуваниот резултат и пласманот во следната фаза.

„Криво ни е што примивме такви голови, почнувајќи од Динамо, пред тоа Линколн, сега и Шамрок. Имам верба во играчите, доколку се поставиме како што игравме второ полувреме таму, мора да тргнеме од почеток. Нормално, мора да бидеме внимателни и во одбраната. Играме против еден доста квалитетен противник. Гледате сами дека ирските екипи одат во следната фаза. Ние ќе се обидеме, со помош на навивачите кои ги повикувам да ни дадат поддршка, да направиме резултат кој не носи понатаму“, изјави Седлоски. 

Голманот Кристијан Наумовски ги признава грешките на екипата на првиот меч, но според него тој резултат е незаслужен. Сега, според него, и Шкупи се прашува за патникот во следната фаза.

„Можам да кажам дека Шамрок играше на резултат на домашен терен, и тоа го направи. Шамрок доаѓа со два гола предност, со таа последна шанса која ја направија. Фудбал се игра до крај. Овој резултат не го посакував и сум сигурен дека не го заслуживме. Не бараме алиби, сигурен сум дека игравме лошо прво полувреме, но во вториот дел го видовме вистинскиот Шкупи. Дадовме гол, имавме шанси за израмнување, но среќата ни го сврти грбот и на крајот бевме казнети. Црвениот картон исто така ни ги поремети плановите. Кога дадовме гол, кога создавовме шанси, противникот не мина половина, добивме црвен картон и резултатот е тој. Играме во Скопје сега пред наша публика, се прашуваме самите. Сигурен сум дека ако играме како што игравме во вториот дел таму, сигурен сум дека ќе се пласираме.“, рече Наумовски. 

Дуелот Шкупи – Шамрок стартува во 21 часот.

Се вчитува...