Пеп Гвардиола остана без ниту еден трофеј сезонава, а стратегот на Манчестер Сити претрпе уште еден болен пораз – овојпат во трката по Флоријан Вирц.
Каталонскиот стручњак не криеше дека Вирц му е главна желба како топ-засилување за летово, тој дури и имаше лична средба со асот на Баер Леверкузен, но до трансфер на Германецот во таборот на „граѓаните“ сепак нема да дојде. Весникот „Дејли Мејл“ попладнево објави дека Манчестер Сити и официјално се повлекол од трката по 22-годишниот ас, откако првите контакти не вродиле со плод.
Управата на Сити досега не жалеше пари за да ги исполни желбите на Гвардиола, но овојпат беше дадено црвено светло, откако „граѓаните“ оценија дека отштетата од 120 милиони фунти што ја бара Баер Леверкузен е превисока.
По ваквиот развој на настаните, Баерн Минхен и Ливерпул остануваат единствени конкуренти во трката по Вирц. Долго време се шпекулираше дека Баерн го има договорено овој трансфер, Вирц тоа неодамна го негираше, па дури и се сретна со раководството на Ливерпул. Шансите за преселба на „Енфилд“ се зголемија со трансферот на неговиот соиграч Фримпонг од Леверкузен во Ливерпул, а во прилог на новиот германски првак оди и што раководството на Баер не би сакало да го продаде својот најдобар играч на директен ривал од Бундес-лигата.
Вирц, кој сезоната имаше 18 гола и 20 асистенции, во најскоро време ќе пресече, но како што стојат работите, Манчестер Сити нема да биде следната дестинација во кариерата на овој суперталентиран фудбалер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА