Столе Димитриевски речиси сигурно ќе ги смени клупските бои во текот на летово по изненадувачкиот потег на управата на Валенсија, да го стави македонскиот репрезентативец на трансфер-листата.
За потсетување, Македонецот имаше бројни понуди кога реши да си замине од Рајо Валјекано, на крајот избра да се пресели во Валенсија поради најавите дека Мамардашвили ќе биде продаден веднаш по ЕВРО 2024. Столе потпиша, но ситуацијата се искомпликува откако Мамардашвили беше продаден во Ливерпул, но „црвените“ дадоа зелено светло тој да остане уште една година на „Месталја“.
Се веруваше дека Димитриевски сигурно ќе го наследи грузискиот голман како прва опција, но ситуацијата се промени со тренерската смена во Валенсија, па новиот стратег Карлос Корберан инсистираше да му биде доведен Хулен Агирезабала од Атлетик Билбао за прв голман. Клубовите се договорија за едногодишна позјамица на баскискиот чувар на мрежата, а Корберан планира да го врати од позајмица и Кристијан Риверо за да биде втор голман, со јасна порака дека Столе Димитриевски не е дел од неговите планови за наредната сезона.
Договорот на Македонецот истекува во јуни 2026 година, па летово е одлична можност за Валенсија да заработи неколку милиони евра на голманот кој лани пристигна без никаква отштета од Рајо. Како што наведуваат шпанските медиуми, Димитриевски се уште има беспрекорно реноме во оваа земја и дефинитивно ќе нема проблем да најде нов ангажман, во клуб каде што многу посериозно ќе се смета на неговите услуги.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА