Шпанскиот репрезентативец Мартин Зубименди би можел да го напушти Арсенал по само една сезона помината на „Емирати“.
Иако во Лондон пристигна минатото лето од Реал Сосиедад, сè погласни се шпекулациите дека 27-годишниот играч за врска би можел да направи нов трансфер. Најсериозен интерес за неговите услуги покажува Реал Мадрид, но во трката е и Челзи.
Последниот збор, сепак, ќе го има Арсенал, со оглед на тоа што Зубименди има договор со „топџиите“. Англиските медиуми пренесуваат дека клубот не би имал ништо против неговата продажба, особено по пристигнувањето на Бруно Гимараеш.
Сепак, Арсенал нема намера лесно да се откаже од шпанскиот репрезентативец. Според информациите од Островот, заинтересираниот клуб ќе мора да плати околу 90 милиони евра за неговиот потпис.
Арсенал минатото лето му плати на Реал Сосиедад околу 70 милиони евра за Зубименди, кој веднаш се наметна како важен дел од тимот. Во минатата сезона тој настапи на 57 натпревари во сите конкуренции, постигнувајќи шест гола и забележувајќи една асистенција.
Зубименди зад себе има одличен период, откако со шпанската репрезентација ја освои титулата светски шампион, а сега би можел да направи голем трансфер во спротивна насока – од Премиер лигата назад во Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
