Репрезентацијата на Шпанија синоќа славеше на домашен терен против Шведска и успеа директно да се пласира на Светското првенство. Иако и само бод во Севиља им беше доволен на Шпанците директно да се пласираат во Катар, сепак, на крајот успеаја да слават со 1-0 и ги решија сите дилеми кој ќе оди директно на Мундијалот.
Луис Енрике се чини дека успеа да направи голема промена на генерациите и многумина веруваат дека Шпанците ќе бидат меѓу фаворитите за освојување на златото во Катар. Енрике им даде шанса на младите играчи, а особено се издвојуваше еден тинејџер од Барселона, феноменалниот Гави.
Тој пред само неколку месеци дебитираше за Барселона, а веднаш потоа стигна покана од репрезентацијата на Шпанија. Гави веќе се чини е стандарден член на првата постава на „Црвената фурија“, а синоќа играше од првата минута.
Многумина велат дека Гави ќе биде достоен наследник на Андрес Иниеста, а неговите потези неодоливо потсетуваат на легендарниот играч за врска на Барселона. Гави синоќа имаше неколку одлични потези, а поради одличната игра во неколку наврати дури добиваше аплаузи од трибините на стадионот „Де Ла Картуха“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА