Шпанска двојка на врвот на ИТФ: Надал и Мугуруза се најдобри за 2017 година

Најдоброрангираниот светски тенисер, Шпанецот Рафаел Надал, и неговата сонародничка Гарбине Мугуруза, победичката на Вимблдон, се најдобрите за 2017 година според ИТФ, Меѓународната тениска федерација. За првпат по 19 години, наградите одат кај претставници на иста држава. Последен пат тоа се случи во далечната 1998 година, кога наградени беа Американците Пит Сампрас и Линдзи Девенпорт.

Надал оваа награда ја добива третпат во кариерата. Тој се врати на самиот врв на светскиот тенис по враќањето на терените, откако паузираше поради повреда. Оваа година, тој десетти пат го освои трофејот на Ролан Гарос, а исто така триумфираше и на Отвореното првенство на САД.

Мугуруза првпат го добива ова ласкаво признание од ИТФ. Таа триумфираше на Вимблдон и се искачи на првото место на ВТА, но потоа заработи повреда на коленото која ја оддалечи од терените, па годината ја завршува како второрангирана, зад Романката Симона Халеп.

Се вчитува...