Штербик фантастичен, Вардар го покори и Загреб

Арпад Штербик  го предводеше Вардар во уште една голема победа, овој пат против ППД Загреб на досеега неосвоениот терен во загрепска „Арена“ со  23-29. За Вардарци ова е шеста победа во седум одиграни натпревари во групната фаза од Лигата на шампионите и прв триумф на „црвено-црните“ против ППД Загреб на гостински терен во натпреварите од ЛШ. Со овој триумф, актуелниот европски шампион ги задржува стабилноста и континуитетот и се зацврстува на лидерската позиција во групата, а ППД Загреб со петтиот пораз ги губи шансите за место во втората фаза од ЛШ.

Вардарци уште од почетокот воспоставија контрола на играта и на резулатот, поведоа со 0-2, а на домаќините им требаа седум минути за да го постигнат првиот гол. Покрај добро поставената 5-1 одбрана на вардарци со Жоан Канељас напред, конечно успеа да помине Дамир Бичаниќ и да го постигне првиот погодок за ППД Загреб за 1-2. Тренерот на ППД Загреб, Касим Каменица се обиде со седум играчи во напад да излезе од подредената ситуација, но вардарци подготвено одговорија и на оваа очекувана игра  во моментите на немоќ на противникот. Арпад Штербик уште во првата четвртина од мечот веќе имаше осум одбрани, а на сигурната игра во одбраната дојдоа и неколку лесни голови на Вардар на празниот гол на домаќинот.

zagreb-vardar 2

По првите 20 минути, „црвено-црните“ веќе имаа постигнато двојно повеќе голови од противникот, откако  Штербик запиша уште една одбрана, а Игор Карачиќ брзо реализираше  на спротивната страна за водство од 6-12. Во последните десетина минути од првиот дел попушти за нијанса концентрацијата во нападот на Вардар кој по серијата грешки и промашувања, шест минути беше без постигнат гол. Но, за среќа Штербик остана максимално концентриран на голот и со извонредни 13 интервенции ја сочува позитивата на Вардар на солидни +5 по првиот дел.

Вардарци  сигурно и доминантно го почнаа вториот дел и по пет минути игра стигнаа до +7 со погодокот на Жоан Канељас за 11-18. Во овој дел и ракометарите на ППД Загреб заиграа малку поагресивно обидувајќи се да фати приклучок  со противникот и да ја намали негативата. Но, вардарци не му оставија многу простор на домаќинот, демонстрирајќи сигурна игра и надмоќност во сите сегменти. И на овој натпревар тактиката на Раул Гонзалес, вардарци речиси беспрекорно ја пресликуваа на терен и како што одминуваше натпреварот, ја зголемуваа предноста состигнувајќи највисоки +9 на стартот од последната четвртина кога поведоа со 15-24, а потоа и со 16-25. Тука практично и веќе беше решен победникот во овој дуел во кој Вардар уште еднаш беше за класа подобар од хрватскиот шампион. Уште еден погодок на празниот гол на домаќините одново го однесе Вардар на девет гола разлика на пет минути пред крај (19-28), а ППД Загреб го донесе во немоќна позиција пред својата публика во „Арена“, но и во загубената битка за место во Топ 16 во следната фаза од ЛШ.

zagreb - vardar 3

Арпад Штербик беше играч број еден во составот на Вардар со вкупно 18 одбрани од кои 13 во првото полувреме. Најефикасни во нападот на „црвено-црните“ беа  Иван Чупиќ со седум и Вуко Борозан со шест гола. Кај ППД Загреб прв стрелец беше Стипе Мандалиниќ со шест гола.

Следен предизвик за Вардар во Лигата на шампионите ќе биде во мечот на колото, на 18 ноември кога во Скопје го пречекува Рајн Некар Левен.

Се вчитува...