Штип израмни во финалето на плејофот против Струмица

Возбудувањата во одбојкарскиот плејоф кулминираат во големото финале меѓу шампионот Струмица и новиот освојувач на Купот на Македонија, Штип УДГ, кои се решени да водат жестока борба за големиот трофеј.

Струмичани славеа на првиот меч на домашен терен, но Штип возврати на идентичен начин на денешниот втор дуел од финалната серија, славејќи со 3-1, нанесувајќи му го на актуелниот првак првиот овосезонски пораз во лигашкиот дел (претходно штипјани беа подобри и во куп-финалето против истиот противник).

Најнеизвесен во денешниот дуел беше првиот сет, во кој Штип УДГ по голема борба славеше со 30-28. Струмица покажа квалитет и експресно стигна до израмнување рутински добивајќи го вториот сет со 17-25. Иако можеби се очекуваше струмичани да стигнат до целосен пресврт, остатокот од дуелот мина во знакот на домашниот состав, па штипјани ги добија следните два сета со 25-20 и со 25-21, заслужено добивајќи го овој натпревар.

Третиот меч од оваа финална серија ќе се игра в понеделник во салата „Парк“ во Струмица.

Се вчитува...